ЗНАЧАЈНИ ЛИЧНОСТИ

 

НАУМ МАНОВ (УНЧО)
Еден од најценетите, најавторитетните и највлијателните луѓе во фудбалските кругови на Македонија, човек кој има најголем придонес за развојот на кочанскиот фудбал. Мирен и стабилен, со чудесен приод во решавањето на фудбалските проблеми, долгогодишен прв човек на кочанскиот фудбал во времето кога Осогово беше во својот зародиш на современиот фудбал и кога ваков човек најмногу му беше потребен. Кратко време играл за ФК ЈУГ” во 1939 год., чиј основач бил Манов заедно со Крушаров, Христифер Манов, Лазар Јанков (Тиквеш) и др. Долги години претседател и член на Управниот одбор на Осогово”, (прв човек при формирањето на Ф.Ц.Х. во 1964/65 год.), кој успешно се натпреваруваше во Штипскиот подсојуз и кој даде голем број талентирани фудбалери во првата екипа на Осогово. Со право може да се рече дека Манов е човекот што фудбалско Кочани го искачи на едно високо, високо место во Републиката. Почина достоинствено и мирно, како што живееше во 2000 год.

ВЛАДО ЧАДИКОВСКИ
Целиот свој живот му го посвети на фудбалот, долги години заедно со Манов беа носители на најодговорните функции во Клубот по ослободувањето. Работлив, неверојатно педантен во работењето, вистински поклоник на фудбалската игра, долгогодишен секретар на Клубот, чии интереси ги застапуваше во сите поважни органи во ФСМ и Штипскиот потсојуз. Со зачудувачка педантност ги водеше сите работи во Клубот, било административни било финансиски, со еден збор спортски работник каков што ретко се среќава. Беше постојан член на Управниот одбор на Осогово се до неговото преселување во Скопје, каде и почина во 2001 год.

ПЕТАР СТАМЕНКОВ (СТОТКАТА) и БЛАГОЈ ЃОРЃИЕВ (ШИЧ)
И двајцата го сакаа фудбалот, и двајцата му го посветија својот живот на кочанскиот фудбал. Основачи на Општинскиот фудбалски сојуз во кој волонтерски работеа се до крајот на својот живот. Тие двајцата имаат огромен придонес во организирањето на Општинската фудбалска лига од која поникнаа голем број одлични фудбалери, а кои подоцна заиграа во повеќето кочански клубови, најповеќе во Осогово. За Петар Стаменков, кој почина во год. и Благој Ѓоргиев 2000 год. во Кочани со право може да се рече дека беа спортски работници кои ги вршеа сите административни работи на сите клубови во градот и Општината.

ЈАНЕ ВЕЛИНСКИ
Еден од најпознатите спортски работници на Ф.К. Осогово во педесетите и шеесетите години од минатиот век. Долгогодишен член на Управниот одбор, негов претседател и секретар, член на скоро сите органи во Штипскиот потсојуз каде ги застапуваше интересите на својот клуб. Иако службено презафатен, секогаш наоѓаше време да ги посети и натпреварите и тренинзите на Осогово, зошто тој живееше со проблемите на овој клуб. Почина во Кочани во 1994 год.

ВЕСЕЛИНСКИ БЛАГОЈ (ДОЈЧЕ)
Започна да игра фудбал во далечната 1936 год. за ФК Хајдук за време на окупацијата игра за ФДМакедонија а по ослободувањето паралелно со школувањето во Белград игра за првата постава на ФКБСК ,,По враќањето во Кочани игра на сите места во тимот во ФД Македонија, но најмногу на десен бек, времето кога, кочанчани играат во Републичката лига и ИВ- та фудбалска зона игра се до 1950год. По активното играње живееше и работеше во Кочани се до неговата смрт во 1991год.

ТОДОР КУЗМАНОВ (ЧИБУК)
Роден 1921 во Кочани, фудбалер со најдолг фудбалски стаж во екипата од Кочани, започнал да игра за Ф.К. Југ во 1938 год., а потоа во ФД Македонија на сите места во тимот: од одличен голман до прекрасен центарфор. Има постигнато голем број голови, никогаш не промашил или голманот да му одбрани пенал, неговите полувисоко шутирани топки тешко можеше да се бранат. И денеска се зборува меѓу постарите љубители на фудбалот за неговите карактеристични шутови. Активно игра фудбал полни 2 децении се до 1959 год., а во исто време од 1954 ја води и Младинската екипа на Осогово. сето тоа во градов му донесе огромна популарност на познатиот Чибук кој почина 1992 год.

ВАНЧО НИШАНЏИСКИ
Во четириесетите години ФД Македонија е најдобрата екипа во целиот Брегалнички регион, токму кога за овој тим играше тогаш без дилема најдобриот поединец на ФД Македонија Ванчо Нишанџиски. Тој беше еден од најкомплетните фудбалери, вистински мајстор и градител на фудбалската игра, брз, со извонреден силен шут од кој стравуваа многу голмани во Републиката. Набрзо беше забележан од стручњаците на Ф.К. Вардар, кои направија се да го одведат во своите редови, но Ванчо не можеше без својот град и своите другари. Се врати во Кочани и играше уште долго, се до 1959 год. на неговиот проштален натпревар во Виница Слога- Осогово О:О. Почина премногу рано во градот што толку многу го сакаше, во 1975 год.

ИСАЈ САНТОВ (ПИКАЛСКИ)
Прва (од трите) жртви на Кочанскиот фудбал, роден во 1914 год. како единствен син на семејството Сантови . На натпреварот на ФК Хајдук за кој настапуваше Исај на место голман, на натпревар со некоја екипа од Штип несреќно се судрил со противничкиот играч Куленовиќ (син на познат штипски лекар), при што се здобил со тешка повреда во стомакот. Доцна пренесен во штипската болница починал на операционата маса во 1933 год. за Хајдук играл на местото бек и голман. До неодамна постоеше неговата надгробна плоча на која пишуваше Исај Сантов 1914-1933 споменик подига ФК Хајдук.

РИСТО ДЕЈАНОВ
По професија судија и адвокат, но сегогаш тивок и повлечен од се освен од фудбалот кој беше негова опсесија. Го сакаше фудбалот и беше долгогодишен спортски работник член на Управниот одбор, повеќе пати секретар во Клубот, се исели во Штип, но продолжи да го застапува кочанскиот фудбал во форумите на Штипскиот потсојуз. Почина во Штип во 1993 год., но спомените за Ристо и денес се присутни кај постарите љубители на фудбалот.

АНГЕЛ КРУШАРОВ
Тој е еден од најголемите фудбалски ентузијасти, потекнува од познато и богато семејство, почнал да игра фудбал при крајот на триесетите години. Играл за Југ, Хајдук и Македонија за во 1947 год. по избор на самите фудбалери да биде избран за прв фудбалски тренер на екипата. За него велат дека бил голем другар но и строг тренер, често знаел да подвикне на некој од неговите фудбалери со кои до скоро играл, но и покрај тоа фудбалерите кои тој ги тренирал и денеска велат дека е еден од најдобрите тренери од тоа време. Неколку пати се враќаше на фудбалот, последен пат во 1962 год. кога Осогово се натпреваруваше во МФЛ.Тогаш засекогаш го напушти кормилото на Кочанскиот фудбал. Почина во Кочани во 2000 год.

ТОДОР ЈОРДАНОВ (ТОШЕТО)
Долгогодишен капитен и полутка на ФД Македонија (подоцна Осогово) во четириесетите и педесетите години од минатиот век. Фудбалер од кој стрепеле сите голмани на тогашната Републиканска лига четврта зона и потсојузните првенства. Немилосрдно ги тресеше мрежите и за време на окупацијата кога во 1944 год. против Бугарскиот прволигаш Ботев постигна 2 гола и стана миленик на кочанската публика, познат под името ТОШЕТО. Денеска е пензионер, живее во Кочани и со задоволство се сеќава на времињата што поминаа и на неговите многубројни голови.

ПЕТАР ПЕТРОВ (ПЕЦЕТО)
Целата своја фудбалска кариера ја минува во Осогово. Слабичок но неверојатно цврст и итар фудбалер. За него велат дека во негов специфичен стил знаеше да се пробие низ противничката одбрана и да ја уфрли топката каде што е најпотребно. Пецето беше столарски работник и еден од фудбалерите со нарушено здравје поради лошите услови на игралиштето и соблекувалните, на 47 години заминува во инвалидска пензија, а почина во 1981 кога имаше само 62 години.

НИКОЛА МАРКОВ (АЏИКИМО)
Заигра за Осогово во 1950 год. Во прво време играше десно крило, подоцна центарфор, а кариерата ја заврши на местото десен бек. Со влегувањето во првата екипа ги покажа своите реализаторски способности, па во 1951 год.заигра на местото центарфор и стана голгетер на Првенството, а по бројот на дадени голови за Осогово, по се изгледа не е надминат неговиот рекорд. По активното играње работи како шофер во Г.П. “Бетон” кое изведуваше градежни работи во Либија. Таму замина и тој каде и почина во 1987 год.

ДИМИТАР МАКСИМОВ (МАКЛИМ)
Заигра за ФД Македонија во 1946 год., голман со извонредни рефлекси. Беше ценет и респектиран од сите клубови против кои играл, играше кратко, до 1956 год. со повремено отстапување на дресот со бр. 1 на својот наследник Чак’ров, почина во 1993 година во Кочани.

ВИКТОР ЧАК’РОВ
Долгогодишен член на Осогово чиј гол го бранеше скоро еднаипол деценија. Израснал во подмладокот на овој тим и стана познат по своите бравурозни одбрани насекаде во Македонија, голман каков што ретко се среќава на фудбалските терени. Некорпулентен, но итар и знаеше да го прочита противничкиот играч, посебно при изведување на пенали.Одбранил многу силни удари, одбранил многу пенали: “Но најдраг ми е одбранетиот пенал во Струга кој беше престрого досуден во самиот финиш на натпреварот и за кој на моите соиграчи им ветив дека ќе го одбранам”, се присетуваше овој секогаш ведар и духовит другар. Почина во Кочани во 2004 година.

ПЕТАР СТОЈКОВ (ПЕРЕТО-СЛИКАРО)
Големо име на Кочанскиот фудбал, потекнува од подмладокот на Осогово, а со неполни 18 год. заигра за првата екипа и веднаш ги покажа сите свои квалитети во игра на средина од теренот, каде беше неприкосновен. Перето е еден од најмирните фудбалери на Осогово, неверојатно упорен и борец за секоја топка, тој беше пример како треба да се однесува секој фудбалер на теренот. Имаше повеќе понуди да помине во клуб од повисок ранг, но му остана доследен на кочанскиот фудбал. Стојков е исто еден од фудбалерите на кој фудбалот и лошите услови му го нарушија здравјето, па почина во 1975 година.

ЉУПЧО АЛЕКСИЕВ (БАБИЦАТА)
И КИРО АЛЕКСИЕВ (ЛОТАР)
Љупчо играше кратко за ФД Македонија, но за време на неговото играње од 7-8 години беше ненадминат талент и фудбалски борец.Играта му беше проткаена со многу интелигентност, со прекрасни дриблинзи што ја одушевуваше публиката. Скоро за сето бреме од неговото играње беше капитен на екипата и пример како треба да се бранат боите на Клубот и Градот.
Помладиот Киро (Лотарот) во 1947 год. игра за подмладокот на ФК Победа од Скопје, а веднаш потоа како надежен фудбалер заигра и за сениорската екипа на натпреварот со екипата на Петтата армија. По завршување на школувањето во Скопје испратен на работа во Струмица, кратко време игра за Беласица, а поради неговите фудбалски квалитети другарите од Околијата со декрет го префрлаат на работа во Штип, каде и настапува за Брегалница. По отслужувањето на воениот рок во 1951 год. се враќа во Кочани и заигрува за својот град и клуб Осогово се до 1956 год. Тој по фудбалската кариера е еден од најистакнатите спортски работници во Осогово, негов долгогодишен претседател и технички директор. Љупчо е веќе покоен, додека Киро денес е пензионер и живее во Кочани.

СЛАВЕ СИМЕОНОВ
Талентиран и надарен фудбалер, иако поради нарушеното здравје играл само од 1948 до 1955/56 год., даде многу за фудбалот во Кочани. Симеонов заигра во Осогово токму во прелом меѓу две генерации: постарата со Стојанов, Коцев, Христов, Јорданов 1 и 2, Максимов и др., и помладата: Чак’ров, Марков, Стојков, Џамов, Бобришев, Петров и др., и го понесоа најголемиот товар во таа смена на генерации. По напуштањето на активното играње поставен е за тренер на младинската екипа, која под негово водство го освои третото, односно четвртото место на Првенството на Југославија за младинци . Потоа со мали прекини беше и тренер на првата екипа често и во годините кога Осогово ќе се најдеше во зоната за испагање. Денеска е пензионер и живее во Кочани.

ВАЛЕНТИН БОБРИШЕВ (ВАЉО)
Во животот скромен, повлечен и мирен, но на теренот голем борец со широк радиус на движење. Со чуден преглед на теренот и леснотија се движеше меѓу противничките фудбалери и како со рака ја уфрлаше топката таму каде што ќе биде најкорисно. За Бобришев немаше загубена топка, знаеше да се врати и до својот, но и да нападне до противничкиот шеснаесетник, а честопати и да ја затресе противничката мрежа. Како фудбалер играше во педесетите, а како фудбалски тренер во екипата во која израсна во шеесетите години од минатиот век. Стручњак со соодветно високо образование, знаеше да ја постави играта со противникот и неговиот начин на играње, со еден збор стратег во вистинска смисла на зборот. Денеска е пензионер и живее во градот во кој што и се роди.

НИКОЛА МАНТОВ
Започна да игра фудбал во подмладокот на Осогово за, со неполни 18 години да заигра за првата екипа на 16.3.1971 год, и играше се до неговата прерана смрт на 1.7.1973 год., на стадионот што денеска го носи неговото име. Прекрасен човек, миленик на кочанската публика, фудбалски борец како што немало во екипата на Осогово. Играл скоро на сите места во тимот: од лев бек до лево крило, за краткиот период што играл, има одиграно 59 првенствени и уште толку куп натпревари. Има постигнато повеќе голови, а за цело време добил само еден жолт картон. На натпреварот со ФАС 11 Октомври од Скопје, од кој зависеше опстанокот на Осогово, трагично падна на теренот и го загуби животот.

ВОЈО ПЕТРОВ (ДИДИ) И СТОЈАН ДИМОВ (ШИПО)
Вистински фудбалски легенди на кочанскиот фудбал, едни од најстандардните халфови на Осогово. Со години не можеше да се замисли халфлинијата без овие две имиња на фудбалот во Кочани (Диди и Шипо), тандем каков што посакува секој тренер. Играа долго заедно (во педесетите и шеесетите години) и никогаш не ја променија клупската боја. Димов слабичок, но со неверојатен преглед на играта, со чудесно висок скок беше диригент во одбраната на Осогово. Диди не робусен, но набиен, полн со енергија , често знаеше да нападне, па и да постигне гол заради што понекогаш играше и во нападот. И двајцата имаа понуди да заиграат за екипи од повисок ранг (за Петров беше заинтересиран дури и второлигашот Бор), но тие останаа верни на екипата во која израснаа. Денеска и двајцата се пензионери и живеат во Кочани.

ДРАГАН МИХАЈЛОВ (ДРАГАНИЦАТА)
Еден од најталентираните фудбалери што ги имало Кочани, за игра во Младинската екипа на Осогово и Младинската репрезентација на Македонија, брз атрактивен итар, често и провокативен, со лесна физичка конструкција, но со многу фантазија, беше нерешлива загатката за противничката одбрана. Неговиот пробив низ одбраната на противникот беше зачудувачки и со леснотија ги исфрлаше противничките играчи од дуелите. Со силниот и прецизен удар беше вистинска напаст за противничките голмани. Полн со емоции за атрактивен фудбал, често ја водеше навалата на својот тим Осогово тогаш беше со далеку поубиствена петорка и со повеќе надеж за победа. Беше миленик на публиката, верен на кочанскиот фудбал, идол на младата генерација, тој е и еден од Основачите на ФК Стришани и негов најдобар фудбалер. Играше кратко, но за тоа време прикажа многу во фудбалската игра. Несреќно падна надвор од теренот, а уште понесреќно си поигра судбината со неговото здравје и го остави со траен инвалидитет. Но тој секогаш настојуваше да биде дел од секој натпревар на Осогово и секогаш беше на стадионот и даваше поддршка на екипата дури и кога и одеше најлошо. Неговиот живот згасна во 2006 година и од тогаш во негова чест Осогово организира младински куп во фудбал “Драганица Куп“ на кој се натпреваруваат реномирани екипи од Македонија со своите генерации до 16 години.

ТОДОР ДОНЕВ
Висок но слабичок, во почетокот малку кој му обраќаше внимание на ова малодушно момче кое за кратко израсна во комплетен фудбалер и се нареди во редот на најдобрите леви крила во Републиката. Донев е играч од нападот, но често знаеше да се врати и да им помогне на другарите од одбраната. Посебен талент за игра со глава, секогаш ќе скокнеше повеќе од било кој фудбалер, а топката ќе ја упатеше таму каде што ќе посакаше. Обично се вели дека корнерот е половина гол, но тоа беше точно само кога ова слабодушно момче “незаинтересирано” се шеткаше во казнениот простор на противникот, но по изведениот корнер во воздухот ќе се вивнеше едно тело повисоко од сите и со глава само ќе ја свртеше топката во небранетиот дел од мрежата. Корнерот се претвораше во гол. Тоа беше стилот на Донев и неговото најсилно оружје иако знаеше многу често со леснотија да се пробие низ противничката одбрана и да проработи неговата левица. Има постигнато многу голови, повеќето од нив со глава, а еден период не можеше да се замисли составот на Осогово без извонредниот Донев. Во 1970 год. заминува во ЈНА, а по враќањето до 1974 игра за второлигашот од Куманово за потоа да се врати во матичниот клуб каде и ја завршува кариерата во 1980/81 год. По активното играње се посвети на судискиот позив и беше еден од нејперспективните фудбалски судии во Републиката.

ЈОРДАН МИНОВ
Заигра во ФК “Брана” во 1962 год. Доаѓа во Осогово и заигра во неговиот прв состав со огромен придонес на секој натпревар. Десетката на Осогово иако по раст мал знаеше на волшебен начин да си поигра со противничката одбрана, а честопати да постигне и гол. Стилот на неговата игра беше зачудувачки, а второлигашот Брегалница направи се во 1966/67 год. да го земе во своите редови. Остана во Штип 2 години за во 1968/69 да се врати во Кочани и играше за Осогово до 1974 год. кога и го напушти активното играње. Во натпреварувачката 1976 новоизбраниот УО чиј председател беше Ѓорги Костов го поставуваат Минов за шеф на Стручниот штаб. По една година го напушта Клубот за во 1980/81 повторно да се врати и со повремени прекини во 1987/88 год. го постигнува и најголемиот успех на кочанскиот фудбал: Влегувањето во 3-та Сојузна фудбалска лига. Во 1994 е избран за директор на Клубот до 1997, кога дефинитивно го напушта фудбалот.

ДРАГОЉУБ ХАЏИВАСИЛЕВ (ДРАЖО)
Сестран спортист, ракометар, кошаркар, одбранбен фудбалер и голман, со што највисоко се искачи на фудбалската скала. Висок, корпулентен со неверојатна прегледност на играта и чудесни рефлекси, како карпа помеѓу стативите често знаеше да полета, ту на едната ту на другата страна од својот гол. Заигра за напредок од Кочани, но целосна афирмација доживеа во второлигашот од Прилеп каде на волшебен начин го чуваше голот на Победа. До крајот на својата кариера го носеше дресот на Осогово.

ДРАГИ ЈОВАНОВСКИ (ДРАШКАТА)
Потекнува од фудбалскиот клуб “Брана” кој во шеесетите години се натпреваруваше во Општинската фудбалска лига. Драшката беше посебен фудбалски талент, чудесен борец кој настапувал на сите места во Клубот, постигнал многу голови, многу често бил јунак на натпреварите и бил оценуван секогаш со високи оценки за неговата игра. Играше за ФЦХ 1966/67 год. За Осогово 68/69 сé до 1971/72, а по враќањето од ЈНА 1974/75 и 1975/76 игра за Торпедо. Од 1976/77 год. до крајот на својата кариера (поради тешка повреда предвреме го напушти фудбалот) игра за Осогово.

СЛАВЧО АБАЗОВ И ЛАЗАР БАЛТАЗАРОВ
Едни од најдобрите голмани во шеесетите години на минатиот век. Абазов како маѓепсник меѓу стативите во 1968 год. беше прогласен за голман на сезоната, оценет од известувачите со апсолутно највисока оценка 3,80 пред голманот Коцевски од Тетекс со 3,19, а во конкуренција на Истатов и Костадинов (Беласица) , Димитровски (Пелистер) итн. Истата сезона беше избран и за најдобар фудбалер во М.Ф.Л. и настапи за аматерската фудбалска репрезентација на Македонија пред В.Синадиновски од Маврово на второто и М. Атанасов од Осогово на петото место. Поради потешка повреда предвреме се повлече, го замени големото име на кочанскиот фудбал Лазар Балтазаров. Овој виртуоз меѓу стативите одбранил голем број силни удари, одбранил многу пенали, но најдраг му е одбранетиот пенал на тогаш прочуениот топчија од Автокоманда Торбаков. Со своите бравурозни одбрани му подарил многу бодови на својот тим, затоа со право може да кажеме дека Балтазаров е уште едно големо име на кочанскиот фудбал.

АТАНАС КУШЕВСКИ
почна да игра фудбал во подмладокот на ФК Осогово, дојде во Торпедо 1974/75 и играше се до неговото расформирање. Потоа премина во ФК Стришани 1978 година и беше еден од најстандардните уграчи на овој клуб. За Кушевски се велеше дека е најцврст, стабилен, стартен и продорен, за него беше сеедно дали игра дома ли во гости. Знаеше да го подигне моралот кај своите соиграчи, било на почетокот на натпреварот или на полувремето и да влее надеж во продолженијата на натпреварите. Скромен но вреден фудбалер, одличен другар, ги почитуваше сите заради што и тој беше почитуван, а и денес е почитуван како добар спортски работник и бизнисмен од Кочани.

МЕНДУ МЕХМЕДОВ
Најнепредвидлив фудбалер на Осогово. Со своите чудесни и духовити дриблинзи ја креваше публиката на нозе. Секогаш со наведната глава и поглед во топката, често знаеше да ја претрча и гол линијата. Особено брз со топки уфрлени во празно по десната страна и прекрасните и корисни центаршутови, беа одлика на овој врвен фудбалер од педесеттите и шеесеттите години.

ЛАЗАР КОСТАДИНОВ (БЛОХИН)
Во Осогово дојде од Торпедо во 1980/81. Фудбалер со широк репертоар на знаење, неверојатно брз, како шило се пробиваше низ одбраната на противникот кој со судни маки можеше да излезе на крај со ова на изглед слабодушно момче и да го спречи најлошото. Со неговите прекрасни дриблинзи правеше паника во одбраната на противникот, а на својот тим повеќе пати му донесе драгоцени бодови. Играше се до 1988 год.

ТОДЕ МИТЕВ
Потекна од Младинската екипа на Осогово, со 18 год. заигра за ФК Стришани во 1980/81 год., каде дојде до израз целокупниот негов талент. Во 82/83 се врати во Осогово и секогаш беше меѓу најдобрите. Заедно со Костадинов сееја страв меѓу противничките одбрани. желбата да заигра во повисок ранг беше поголема од сé, па во 1984/85 год. преминува во второлигашот од Штип и останува до пролета 1987 год., кога се враќа во Кочани и игра се до 1993 год. По откажувањето од активно играње му се посветува на тренерскиот позив, каде со мали прекини ја водеше екипата на Осогово во неколку наврати.

ИВАН ДИНЕВСКИ (ИВЧО)
Надарен со сите мајстории на фудбалската игра, заигра во подмладокот на Осогово во 1956 год., а во 1959 год. играше за Младинската репезентазија на Македонија. За време на школувањето во Скопје член е на ФК Работнички, а со влегувањето на Осогово во МФЛ во 1961 дојде да му помогне на својот тим. Фудбалер со одлични квалитети, брз, наметлив и експлозивен, знаеше да не застане во текот на целиот натпревар, играше на десно крило и со Хаџиев од левата страна да ги хранат со употребливи центаршутови напаѓачите од средината. По активното играње му се посвети на тренерскиот позив и беше фудбалски учител на Осогово, Слога, Виница, Брегалница Делчево и ФК Стришани. Почина во 1990 год.

МИТЕ АНДОНОВ
Заигра за Осогово во 1967 год. на местото лев бек. Имаше специфичен осет и инстинкт да го прекине нападот на противникот, а често ја носеше топката до десното корнер-знаменце на противникот и знаеше да упати прекрасен центар-шут. Најмалку му сметаше што беше мал и неупадлив фудбалер со голем радиус на движење, можеби и тоа го правеше голем фудбалер. Играше до 1975 год.

ОГНАНЧО ТОДОРОВ (ТИЛТ)
Израсна во Младинската школа на Осогово, а заигра за ФК Стришани во натпреварувачката 1978/79 год. кога дојдоа до израз сите негови квалитети како фудбалер и како другар. Најчесто играше на местото центарфор, лева полутка или крило и долго време беше капитен на екипата. Слабичок, но цврст и продорен, со силен и непредвидлив шут од секоја позиција знаеше да ја затресе мрежата на противникот. Во пролетниот дел на Првенството во Меѓурегионалната фудбалска лига 1980/81 год. замина во Осогово и многу помогна за враќањето на кочанчани во МФЛ, во која Огнето играше за Осогово со голем успех. Човек што многу го сакаше фудбалот, голем другар, скромен и несебичен. Поради студиите рано го напушти фудбалот за подоцна да се вработи во фабриката за Целулоза и Хартија. Загина во сообраќајна несреќа на службен пат во 2001 год.

 

 

Во тек е информативна и истражувачка работа на дел од нашите членови со цел дополнување на оваа категорија и допишување на сите фудбалери кои биле најзаслужни и важни за историјата на фудбалскиот клуб ГФК Осогово.

Дел од текстот е извадок од книгата “80 Години фудбал во Кочани“ – Автор: Методиј Хаџипаунов

GFK OSOGOVO © 2021. All Rights Reserved.