НИКОЛА МАНТОВ

Во 1973 год. ФК “Осогово“ играл во тогашната Македонска републичка лига (трето ниво на натпреварување во поранешна Југославија). Таа сезона, во рамките на 34-то коло, на 1 јули 1973 г., “осоговци“ биле домаќини на средбата со ФК “ФАС 11 Октомври“ од Скопје.

Во 10-та минута од првото полувреме, при резултат 1:0 за домаќините, како последица од срцев удар, на теренот како покосен паднал 23-годишниот фудбалер на “Осогово“, Никола Мантов (Мендиз). Младиот играч, студент на втора година на Машинскиот факултет во  Битола, веднаш бил префрлен во болницата во  Кочани, но лекарите можеле само да ја констатираат смртта. Главниот судија Ратко Ѓорѓиоски од Прилеп веднаш го прекинал натпреварот, а присутните 2.000 гледачи по соопштувањето на жалната вест, со насолзени очи го напуштиле стадионот.

Во својата кратка фудбалска кариера Мантов одиграл 59 првенствени и уште толку куп натпревари, играјќи на позициите лев бек и лево крило. Постигнал повеќе голови, а за целиот период на активно играње фудбал добил само еден жолт картон..

Во знак на сеќавање на овој играч, стадионот го добива неговото име и тоа е единствениот стадион во Македонија кој воопшто носи име на еден фудбалер.

Официјализирањето на името на стадионот е направено на седница на Советот на Општина Кочани, одржана на 30 април 2014 година, на која советниците од сите политички партии гласаа едногласно за предлогот.

 

во 2020 е формирана и „Никола Мантов“ група граѓани – волонтери, поддржувачи и навивачи на ГФК „Осогово“.

Ова е Манифестот на Г.Г. „Никола Мантов“

-Дами и господа, другари и другарки, браќа и сестри!
„Никола Мантов“ е група граѓани – волонтери составена од поддржувачи и навивачи на ГФК „Осогово“. Наша единствена цел е во континуитет да даваме материјална и морална поддршка на натпреварувачката екипа како и на младинските и пионерските школи на ГФК „Осогово“.
Нашата мисија е активно да учествуваме во негување, чување и одржување на богатата фудбалска традиција на нашиот град долга 96 години. При тоа ќе ги користиме сите расположливи легални и легитимни средства, алатки и позитивни општествено – корисни практики за афирмација и промоција на фудбалскиот бренд „Осогово“.
Наш приоритет и цел е поддршка на клубот со сите негови екипи како и негување и одржување на споменот на неговите великани меѓу кои е Никола Мантов младиот студент – првотимец кој на 1 јули 1973 година од фудбалскиот терен на првенствен натпревар се пресели во вечноста.
Фудбалското име „Осогово“ е аманет и задолжение за нас од нашите сограѓани, нашите предци, предизвик на нашата генерација и заедничко наследство кое треба да го пренесеме за со него да се гордеат и да ги научиме да го негуваат и нашите деца. За негово исполнување ние активно ќе работиме на подигнување и одржување на јавната свест за вредноста и значењето на фудбалскиот бренд „Осогово“.
Дами и господа, другари и другарки, браќа и сестри од нашиот роден град и крај!
Секоја поддршка е добродојдена. Вие помагате ГФК „Осогово“ достојно да ја претставува нашата заедница, нашиот град, нашиот роден крај.
Осогово вечно!
ГГ „Никола Мантов“ Кочани,
за да се придружите на организацијата “Никола Мантов“ клик овде!

GFK OSOGOVO © 2021. All Rights Reserved.